Бизнис штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“. Стартот на трката ќе биде во 10 часот пред хотел „Парк“.

Во трката ќе учествуваат компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва…, субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во државава.

Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.

На последното издание на трката најбрз беше тимот на Комерцијална банка, втор беше тимот на „Ендава“, а третото место го освои екипата на „Унибанка“.

Најбрзите три тимови на Business Run 2022 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, тие кои истрчале најбрз круг.

Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење меѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух меѓу вработените, информираат од Здружението „Прв до врв“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2022 09:32