Триесетдневен притвор и истражна постапка заработја двајца разбојници кои биле затечени во кражба од сопствениците на куќата во која „оперирале“ и биле совладани во обидот да побегнат.
Од Јавното обвинителство соопштија дека ОЈО Куманово, постапувајќи по поднесена кривична пријава против две лица, на возраст од 41 и 34 години, донеле Наредба за спроведување истражна постапка поради основано сомнение дека двајцата соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво.
-На 21 септември, осомничените, затечени во кражба во кумановско Долно Којнаре, употребиле закана и сила дека ќе нападнат врз животот и телото на две лица. Од гаража во дворот на една куќа одзеле бакарна прскалка, но биле затекнати од сопственикот и неговиот син. Во обид да побегнат, еден од осомничените извадил нож со кој се заканиле на оштетените, но тие успеале да ги совладаат и да ги задржат до доаѓањето на полицијата, се наведува во сооштението на ЈОРСМ.
Со оглед на тоа што и двајцата осомничени биле претходни сторители на други слични кривични дела, па постоел ризик да го повторат делото или да се дадат во бегство, јавниот обвинител доставил предлог да им биде определен притвор, а судијата го прифати и им определи мерка притвор во траење од по 30 дена.