Во кафе и бар „Шила“ во Охрид синоќа беше промовирана првата збирка раскази на Mарина Шикова Димовска ‒ „Приказни од кујната“, издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Книгата низ разговор со авторката ја претстави Јулијана Величковска, која за збирката рече дека е куса исповедна проза, необични дневнички записи што следуваат еден по друг по сеќавање, не по хронологија.

– Небаре разгледувате албум со стари фотографии. Топли и мирисливи, но некогаш и прегорени и горчливи приказни од кујната на животот. Приказни за растењето и созревањето. Приказни што ја осветлуваат улицата на нашето детство и во сончеви и во тмурни денови. Приказни за недостигот и за љубовта, рече Величковска.

Марина Шикова Димовска дипломирала на Катедрата по македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Нејзини раскази се објавувани во неколку книжевни списанија, а со три раскази е застапена и во збирката „Интимно со пандемијата“, збирка раскази од 17 автори (Креативна верига, 2021).



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2022 03:32