Романот „Лебед“ од проф. д-р Ана Стојаноска ќе биде промовиран денеска во 18 часот пред кумановската публика, најавија денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
– Ги покануваме кумановци да ја проследат промоцијата. Настанот е дел од годишната програма за литература за 2022 година поддржана од Министерството за култура, изјави стручниот соработник за литературна дејност, Маргица Станисављевиќ Станисављевска од установата.
Промотор на романот е проф.д-р Јелена Лужина, а настанот ќе биде проследен со музика на пијано од младиот талентиран музичар Ерди Шахини.
Во 2017 година за романот „Лебед“ авторката го добива „Рациновото признание“. Оваа година таа е и претседател на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Рецензентот проф.д-р Лидија Капушевска-Дракулевска за романот ќе напише“ „Ракописот „Лебед“ ја прославува музиката (и уметноста, воопшто) и врвно естетско начело – убавината. Се пулсира во знакот на овој клучен идеал. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека приказната во романот ја следи животната сторија на две самохрани мајки, станува јасно дека ракописот на Стојаноска остварува и една општествено-ангажирана функција“.
Д-р Ана Стојаноска е театролог, писателка, професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на отсекот за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како истражувач – координатор во Институтот за театрологија при ФДУ – Скопје, од 2002 г. Учествува(ла) на многу симпозиуми, научни трибини и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата. Одржала повеќе јавни предавања од областа на театрологијата.
Авторка е на книгите: „Јас и Лин“, отпосле (роман, прво издание, Блесок, 2016, за која ја доби наградата „Рациново признание“, 2017 и беше финалист за наградата „Роман на годината“ и второ издание, „Култура“, 2019), „Дијалози во еднина“ (Култура, 2019), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на книгите „Драми“ од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и „Современа македонска драма“ (Микена, 2008). Авторка на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, е дел од авторскиот тим на „Поимникот на книжевната теорија“ (МАНУ, 2007). Коавторка е на повеќе театролошки монографии. Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија.
Стојаноска пишува постојано, не сакајќи да се „вклопува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови. Нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена како радиодрама, во продукција на Театри – Скопје, 2013.