Сојузот на стопански комори (ССК) денеска потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Хрватска cо цел преземање заеднички активности за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Меморандумот беше потпишан во рамки на бизнис форумот што се одржува денеска во Загреб од страна на потпретседателот на ССК, Орце Симов и претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Лука Буриловиќ.

Во своето обраќање Симов истакна дека Хрватска е меѓу најголемите политички поддржувачи на евроинтегративниот пат на нашата држава, но сепак потенцијалот за економска соработка се уште не е доволно искористен.

-Меѓусебната економска соработка има можности значително да се зголеми, при што се отвораат можности за инвестиции во областа на индустриското производство и обновливите извори на енергија, туризмот. Постојат можности и за заеднички настап на трети пазари, заеднички инвестиции како и воспоставување на соработка на заеднички проекти финансирани од ЕУ фондовите. Земјоделските и прехранбените производи имаат голем удел во нашата трговија, поради фактот што компаниите имаат долга традиција и препознатлив квалитет и присуство на овие пазари. Во насока на поттикнување на соработката, треба да се интензивира организацијата на настани за вмрежување, преку платформи за видео комуникација, како и настани во живо, истакна Симов.

Тој оцени дека саемските манифестации се одлична можност за поврзување и создавање нови деловни контакти.

-Затоа сметам дека би било добро да се обезбеди државна поддршка во двете земји за настап на нашите компании во Хрватска на саеми и обратно. За развој на соработката во туристичкиот сектор би било добро да се воспостават директни летови до туристичките дестинации, а можно е и да се организираат заеднички туристички тури за туристите од подалечните дестинации, дополни Симов.

Во рамки на форумот, покрај потпишувањето на Меморандумот за соработка беше организирана и презентација на можностите за инвестиции во нашата земја. Претставниците на компаниите ги презентираа своите портфолија, а се организираа и B2B средби на претставниците на деловните мрежи.

-Препознавајќи ја регионалната соработка за многу значаен фактор за раст и развој на домашната економија, изминатиот период активно се вклучуваме во регионални форуми, саеми и други настани, а е дел од регионалните иницијативи како „Отворен Балкан“ и „Зелен Навигатор“, наведува ССК.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2022 13:49