Во Културно информативниот центар на Скопје во среда (28 септември) во 19:19 часот ќе биде промовирана книгата на Иван Џепароски „Пандемија и постхуманизам“, во издание на Книгоиздателството Ми-Ан. Промотори се Наташа Аврамовска и Мишел Павловски.
– Книгата „Пандемија и постхуманизам“ на реномираниот македонски филозоф, естетичар и теоретичар на културата проф. д-р Иван Џепароски, претставува едно од првите вакви дела кај нас во кое се анализираат прашањата поврзани со промените што се случуваат во нашата современост, и на глобален и на локален план. Пристапот кон овие актуелни прашања е од гледна точка на релациите помеѓу пандемијата на Ковид-19, од една страна, и на постхуманизмот и трансхуманизмот, од друга страна, вели во рецензијата Наташа Аврамовска.
Иван (Ивица) Џепароски (9 мај 1958, Скопје) е филозоф, естетичар, критичар, антологичар и поет. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што и магистрирал и докторирал. Автор е на над триесет книги.
Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија (2004–2009; 2013–2021), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009–2013) и секретар на македонскиот ПЕН-центар (1999–2001; 2008–2014). Во моментов е раководител на постдипломските Интеркултурни студии (2021–2022) на Филозофскиот факултет во Скопје. Се занимава и со превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесет странски јазици во светот.