По повод 75 години од основањето, Катедрата за славистика организира Меѓународен славистички научен собир насловен „Славистиката во синхронија и дијахронија“.
Собирот, како што е најавено, ќе се одржи на 29 и 30 септември во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но и на платформата Зум.
-Овој значаен настан претставува континуитет на досегашната традиција на одржување на меѓууниверзитетски научни врски во три полиња – македонско-руски, македонско-полски и македонско-чешки научни истражувања од областа на јазикот, книжевноста и културата која произлегува и од договорите за соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со универзитетите од Русија, Полска, Чешка, Словенија, Србија, Хрватска, соопштија од Организацискиот одбор од Катедрата за славистика.
Тематската определба на Собирот е да се стави акцент на бохемистиката, полонистиката и русистиката како основни дисиплини во наставата и истражувачката дејност на нашата Катедра.
Главната цел е размена на искуства и идеи од доменот на славистиката низ призмата на современите научни истражувања со контрастивни теми поврзани со овие три јазика и сите словенски и несловенски јазици, теми поврзани со проучувањето на словенските јазици, книжевности и култури, прилози поврзани со меѓукултурниот дијалог во словенските ј зици и книжевности, традуктолошки и културолошки теми, како и со теми поврзани со иновативните дидактички методи и техники инспирирани од актуелните состојби во наставата во услови на пандемија.