Деветнаесетто издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2022“, под мотото „Во нови слики“, кој годинава наместо во археолошкиот локалитет Стоби е на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, привршува. Синоќа беше изведена последната претстава во официјална конкуренција „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“. Таа како и останатите е во конкуренција за наградите на фестивалот Гран при за најдобра претстава, за најдобра женска и машка улога и за најдобра режија.

Гoдинашната жири-комисија: Ѓорѓи Јолевски, актер, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, актерка и Дејан Дамјановски, театарски режисер, треба да одлучи на кого да му ги врачи наградите, кои ќе бидат доделени сабота вечер.

Во чест на лауреатите, на сцената на велешкиот театар настап ќе има Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго, либрето на Сашо Димоски.

Со тоа ќе заврши и програмата на годинашното 19-то издание на ИФАД „Стоби 2022“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2022 14:36