Во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина – публикации“ излезе од печат на македонски јазик новиот роман за деца „Капут од мов“ од српскиот писател Стеван Тиќми.

Преводот на македонски го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ. Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“ – која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година. Двата романа („Капут од мов“ и „Јас сум Акико“) се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во престижниот избор на списанието „Вајт рејвенс“ (White Ravens), што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek), велат од Арс Ламина.

„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми. Во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни.

– „Капут од мов“ доаѓа по романот „Јас сум Акико“, кој на многумина им се допадна, бидејќи е нежна приказна за едно шармантно девојче. Преку „Капут од мов“ сакав да опишам како е кога си Акико, но во поодмината возраст (во тинејџерски години). Двете мои книги се на некој начин слични по тоа што даваат литературна поддршка на младите читатели. Се надевам дека книгата ќе биде читана во Македонија и дека ќе допре, пред сѐ, до тинејџерската публика. Драго ми е што „Јас сум Акико“ веќе си го најде својот пат кај тукашната публика. Ме радува и што во моментов во Скопје се подготвува и претстава базирана на „Јас сум Акико“, вели Тиќми. Стефан Митиќ-Тиќми е роден во 1992 година во Лесковац, Србија. Дипломирал на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш. Се занимава со производство на јаглен и производство на текстови (за деца и за возрасни, за театар, телевизија, видеоигри). Негови најзначајни дела се: „Ме фатија кукли“ (Арте, 2015), „РизиКво“ (друштвена игра, 2017), „Јас сум Акико“ (Лагуна, 2018), „Детска белградска пролет“ (сценарио, РТС, ДКЦБ, 2019), „Капут од мов“ (Лагуна, 2020), „Тука, на дофат на маката“ (Повеља, 2020) и „Џем на облак“ (краток поетски филм, 2021). Досега на македонски јазик е објавен и неговиот прв роман – „Јас сум Акико“, исто така во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Авторот ја промовираше книгата на Саемот на книгата во Скопје, минатата година



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2022 17:10