Министерството за култура соопшти дека се објавени конкурсите за доделување на државните награди „Мито Хаџи Василев- Јасмин“ и „Мето Јовановски“ за 2022 година. Конкурсите за доделување на овие две државни награди ќе бидат отворени од 1 до 31 октомври годинава.

Со државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин” се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарство. Државната награда им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Државната награда се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу до две награди.

– Иницијатива за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци и докази точна адреса на живеење (адреса-улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во која што е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин” , ул. „Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје, Република Северна Македонија, информираат од Министерството за култура.

Со државната награда „Мето Јовановски“, пак, се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Наградата се доделува секоја година на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Во рамки на овој Конкурс може да се доделат најмногу до две награди.

– Подносителите на иницијативата за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ треба да достават биографија, портфолио на постигнувањата и опис на акцијата за која сметаат дека предизвикала позитивна промена во одредена област на човековите права за која се поднесува иницијативата. Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во најмалку еден (1) примерок. Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје, Република Северна Македонија, се наведува во соопштението на Министерството за култура



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2022 17:10