Осум филмови се во официјална селекција на 7. Интернационален филмски фестивал „Киненова“ посветен на дебитантски филмови. Фестивалот ќе се одржува од 7 до 14 октомври под слоганот „Првиот остава трага“.

Свеченото отворање ќе се одвива во кино „Милениум“, со прикажувањето на хрватскиот филм „Чичко“(Stric/Uncle) на авторите Давид Капац и Андрија Мардешиќ, а останатите филмови од програмата ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија и Младинскиот културен центар.

Во конкуренција за награди се филмовите „Тивка земја“ (Cicha ziemia/Silent land) на полската режисерка Ага Вошинска, романскиот „Беспрекорен“ (Imaculat/Immaculate) на Моника Стан и Георге Кипер, српскиот „Херои на работничката класа“ (Heroji radničke klase/Working Class Heroes) на режисерот Милош Пушиќ, турскиот „Анадолски леопард“ (Anadolu leopari/Anatolian leopard) на Емре Кајиш, „Криенка-миженка“ (Nascondino/Hide and seek) на италијанската режисерка Викторија Фиоре, „Во потрага по Венера“ (Në kërkim të Venerës/Looking for Venera) на косовската режисерка Норика Сефа и „Сина месечина“ (Crai nou/Blue moon) на романската режисерка Алина Григоре.

За наградите на Фестивалот ќе одлучува интернационално петчлено жири во состав Илдико Инједи, претседател на жирито и членовите Аида Бегиќ (БиХ), Паво Маринковиќ (Хрватска), Елеонора Венинова (С. Македонија), Симоне Стараче (Италија).

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“ на денешната прес-конференција истакна дека Фестивалот им се посветува на дебитантите, а фокусот е ставен на првите и вторите филмови на нови автори од цел свет. Тој рече дека голем дел од програмата на фестивалот ќе биде емитувана во една телевизија.

Игор Анѓелков, програмскиот селектор на „Киненова“ изјави дека секогаш внимаваат на малиот човек, на малите приказни, затоа што токму тие ги детерминираат случувањата што понатаму се одвиваат како општествени процеси во државите низ светот. Тој рече дека интересно е тоа што изминатите неколку изданија два пати документарен филм добил главна награда на „Киненова“.

Јовановиќ соопшти дека Инједи ќе одржи и мастерклас за публиката, споделувајќи ги нејзините филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето во 2017 година, филмот „За душата и телото“, потоа финалист и за Оскарот.

Од останатите фестивалски содржини, вредни за споменување се „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филмови го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните кино платна ќе ја претстави тамошната актуелна кинематографија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2022 17:10