Погрешните потези на новата премиерка на Обединетото Кралство Лиз Трус уште во првите денови од стапувањето на функцијата го разнишаа нејзиниот рејтинг, а анкетите покажуваат дека половина од Британците сметаат дека таа треба да поднесе оставка, јавија британските медиуми. Помалку од четири недели од стапувањето на должноста и една седмица по објавувањето на мерките во мини-буџетот што предвидува намалувања на даноците за најбогатите во услови на криза и зголемени трошоци за живот, 51 отсто од анкетираните граѓани на Велика Британија на став дека таа треба да си замине од функцијата.

Резултатите на испипувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „YouGov” се остра порака до конзервативната лидерка која на 6 септември го наследи Борис Џонсон кој поднесе оставка на премиерската функција по низа скандали.

Трас го победи поранешниот министер за финансии Риши Сунак во трката за лидерската позиција во Конзервативната партија, ветувајќи итни даночни намалувања и фокусирање врз мерки за поттикнување економски раст во услови на предвидена рецесија во Британија.

Но, кога новиот министер за финансии Кваси Квартенг минатата седмица ги претстави плановите за намалување на даноците, многумина Британци останаа вчудоневидени кога увидоа дека се укинува највисоката стапка на данок на доход, како и ограничувањето на бонусите на банкарите.

Тоа доведе до непосредни превирања на финансиските пазари, при што фунтата падна на најниското ниво досега во однос на доларот.

Неколку дена подоцна, „Банката на Англија” беше принудена да направи итна интервенција за да ја стабилизира ситуацијата, поради стравувањата од колапс на пензиските фондови во земјата.

Опозициските политичари, независните аналитичари, па дури и некои ториевски пратеници ги оценија плановите како непромислени и контрапродуктивни.

Како катастрофален беше оценет задоцнетиот обид на Трас да ги одбрани плановите.

Анкетата на „YouGov” со опфатени 4.918 испитаници покажа дека само четвртина од јавноста смета дека таа треба да остане на премиерската функција. Повеќе од половина анкетирани сметаат дека и Квартенг треба да стане од министерската фотелја.

Само три проценти од анкетираните рекоа дека мини-буџетот има вистински идеи и оти добро е осмислен.

Во меѓувреме, друга анкета на „Ипсос” покажа дека дури половина од Британците сметаат дека лидерот на Лабуристите Кир Стармер треба да биде премиер, што е повеќе од 38-те процентната поддршка што тој ја имаше во мај. Само 18 отсто од опфатените со анкетата оцениле дека Трас добро си ја врши работата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2022 05:01