Банкарскиот сектор и во второто тримесечје од 2022 година соодветно се справува со предизвиците наметнати од воениот конфликт меѓу Русија и Украина и ги зголеми активностите на квартална основа. Мерките преземени од страна на Народната банка (НБ) за стабилизирање на неповолните очекувања на населението настанати по избивањето на воениот конфликт, овозможија стабилизирање на движењата кај депозитната основа, се заклучува во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за вториот квартал од 2022 година што вчера беше усвоен на редовната седница на Советот на НБ.

– Депозитите на домаќинствата бележат раст во вториот квартал, со што годишната стапка на раст изнесува 5,2 отсто. Кредитирањето и натаму солидно расте, со иста динамика како и во претходниот квартал, со што годишната стапка на раст на кредитите и натаму е на нивото од околу 10 отсто. За зголеменото кредитирање во вториот квартал подеднаков придонес имаат и корпоративниот сектор и секторот домаќинства, се вели во Извештајот.

Солвентноста на банкарскиот систем, де додава, е солидна и забележа подобрување во однос на претходниот квартал, со стапка на адекватност на капиталот од 17,3 отсто.

– Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво, иако умерено се намалени во однос на претходниот квартал. Банките одржуваат ликвидност што е повисока за 2,5 пати од регулаторниот минимум (100 проценти). Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи. Квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден, со учество на нефункционалните во вкупните кредити од 3,2 отсто, што е пониско од претпандемичното ниво, информира НБ.

Ризиците за целокупниот макроекономски контекст, велат од НБ, и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, што може да се одрази и врз активностите на банкарскиот сектор.

– Народната банка, како и секогаш досега, будно ги следи сите случувања и е подготвена да ги преземе сите потребни мерки што се во нејзина надлежност секогаш кога е потребно, порачуваат од НБ.

На седницата, Советот ја разгледа редовната квартална оцена на цикличниот системски ризик, врз основа на којашто се утврдува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот.

– Најновите оцени покажаа дека банкарскиот сектор и натаму е здрав и стабилен, со задржана отпорност на шокови. Но, тој и натаму работи во неизвесно окружување што постепено ги зголемува системските ризици, што наметнува потреба од натамошно претпазливо планирање на капиталните позиции на банките. Имајќи ги предвид ваквите околности, Советот донесе одлука со којашто ја потврди претходно утврдената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Македонија од 0,5 отсто. Исто така, со новата одлука на Советот се предвиде да се применат и стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот што се утврдени од надлежните органи на другите земји за изложеностите на домашните банки кон клиенти од други земји. Со ова се постигнува натамошно усогласување со регулативата на Европската Унија, а се придонесува за подобро управување со ризиците што се специфични за одделните банки, коишто произлегуваат од нивните изложености кон клиенти од други земји. Банките се должни да ги применуваат овие стапки почнувајќи од 1 октомври 2023 година, велат од НБ.

Советот на Народната банка ја разгледа и Месечната информација за најновите макроекономски показатели, како и други материјали поврзани со активностите во банката.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2022 10:29