Сачин Литлфедер, американската глумица и активистка која го одби „Оскарот“ за „Кум“ во име на Марлон Брандо, почина на 75-годишна возраст, објави вчера Академијата за филмски уметности и науки во САД.

Домородната Американка боледувала од рак на дојка. Според изјава на нејзин близок, таа починала вчера напладне во нејзиниот дом во Новато, северна Калифорнија, опкружена со своите најблиски.

Марлон Брандо освои „Оскар“ за најдобра машка улога во 1973 година за филмот „Кум“, но не присуствуваше на доделувањето, протестирајќи за поддршка на правата на Домородните Американци.

На настанот во негово име, се појави Лидлфедер. Таа одби да го прифати признанието и одржа кус говор дека одбивањето делумно се должи на „односот кон американските Индијанци во филмската индустрија и на телевизија“ во континуитет.

Холивудската кариера на глумицата, се чини, во тој миг беше запечатена, оти последната споредна улога таа ја имаше во филм од 1978 година.

Академијата што го спроведува доделувањето на „Оскарите“, во август објави отворено писмо и официјално извинување за тој однос кон неа.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2022 10:01