Храната може да влијае на среќата на децата, тврдат педијатрите. Имено, истражувањата покажале дека тоа што детето го јаде може позитивно да влијае на неговото расположение, но и на целокупното ментално здравје, пренесува „Мадерли“ (Motherly).

Стручњаците сметаат дека, на пр., чоколадото или рибата на детето не само што му помагаат во неговото учење и помнењето, туку може и да го зголемат чувството на среќа. Следат уште неколку намирници, коишто според стручното мислење, можат да го подобрат расположението на Вашето малечко.

1. Разновидно овошје и зеленчук

Добро е познато дека што поразновидно е овошјето и зеленчукот, толку тоа нуди повеќе фитонутриенти што се борат против стареење на клетките во мозокот и други ткива во телото. Флавоноидите, пак, се поврзани со намалена опасност од депресија и на тој начин влијаат на доброто расположение.

Во едно истражување со деца на возраст меѓу седум и 10 години, се покажало дека и пиењето сок од боровинки богато со флавоноиди ефикасно го подобрува расположението. Општо земено, колку повеќе овошје и зеленчук има на менито на бебето, толку тоа ќе биде позадоволно и посреќно.

2. Зелјести растенија

Говорејќи за нив, особено темните зелјести плодови се богати со железо, фолна киселина, влакна, магнезиум и витамини А и Ц. Овие хранливи материи ја поддржуваат работата на мозокот, но исто така е докажано дека го подобруваат и расположението. Во таа смисла, во исхраната на бебето треба да има цвекло, кељ, спанаќ, блитва и зелена салата.

3. Бобинки Боровинки, малини, капини – сите тие содржат голем број антиоксиданси, антоцијани и полифеноли. Тие се делотворни против стресот и го подигаат расположението. Исто така, го подобруваат учењето, сосредоточеноста и помнењето.

4. Овес

Оваа житарка е одлична за подобрување на расположението поради високата содржина на триптофан и други хранливи материи како што се витаминот Б, влакна и железо. Овесната каша, или пак, бисквитите – се одличен оброк за малечкото, па освен што се богати со здрави хранливи материи, ќе го подобрат и неговото расположение.

5. Јатки и семиња

Јаткастите плодови и семките содржат влакна, магнезиум и омега-3 масни киселини. Особено се покажа дека оревите го намалуваат стресот и напнатоста поради високото ниво антиоксиданси, вклучувајќи омега-3 масти, фолати и витамин Е.

6. Риба

Таа е богата со омега-3 масни киселини, триптофан и витамин Б-6, па педијатрите препорачуваат да му се дава на детето најмалку двапати во седмицата.

7. Тиква, банана и авокадо

Тиквите содржат триптофан и серотонин – хемикалии за мозокот коишто поттикнуваат опуштање, а бананите се богати со витамин Б-6. Исто така, бидејќи содржат комбинација од јаглени хидрати и растителни влакна, бананите помагаат и за стабилизирање на нивото шеќер во крвта и придонесуваат за поголема контрола на расположението.

И на крај, авокадото – храна богата со витамини, минерали и растителни влакна, докажано делува и за добро расположение.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2022 12:26