Со отворањето на изложбата „Stimulate your sences“ на уметницата Елита Алити, во саботата почна реализацијата на програмата на КИЦ Тирана за месецот октомври. Изложбата е поделена на пет сегменти и е наменета за лица со оштетен вид.

Авторката за своите дела комбинира разни видови материјали кои произведуваат различни звуци и мириси, со што ја реализира својата идеја да создава уметност со која помага за инклузија на лицата со попреченост во општеството.

Како што е најавено, на 13 октомври во Тирана ќе се одржи голем концерт на пијанистката Ивана Мазнејкова, која ќе го отвори фестивалот „Магична флејта“. Концертот е омаж на творештвото на белгиско-францускиот композитор Цезар Франк роден во 1822 година. Со ова, младата пијанистка се вклучува во европското одбележување на 200-годишнината од раѓањето на генијот.

На 27, 28 и 29 октомври, пак, во албанскиот град Корча, ќе се реализира манифестацијата Денови на македонската култура. Ќе биде прикажан филмот „Медена земја“, а ќе бидат изложени и дела на уметникот Зоран Кардула.

Во музичкиот дел од програмата ќе настапи Градскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово, а посетителите ќе можат да го проследат и концертот на блуз–бендот ,,In the mood“ од Скопје. Во трите дена на Универзитетот во Корча ќе се одржат и бесплатни часови по македонски јазик.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2022 05:03