Проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ денеска ќе го отвори 19-тото издание на „Балканима“ – Европски филмски фестивал на анимираниот филм што ќе се одржи во Белград.
Проектот се состои од изложба на артефакти и филмска проекција на кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1971 до 1991 година од пионерите на македонскиот анимиран филм: Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ, Мирослав Грчев и Милутин Рогановиќ.
Реализацијата на проектот е на Иван Ивановски, заедно со Друштвото на филмските работници на Македонија во соработка со Слободан Јаќоски, Кинотека на РСМ и Вардар филм.
Фестивалот започнува денеска, а ќе трае до 9 октомври. Главна цел е претставување на европски авторски и студентски кратки анимирани филмови, со аспект на промоција на српската и балканската анимирана сцена. Фестивалот е од натпреварувачки карактер, а во работата на жирито учествуваат аниматори, филмаџии, теоретичари и визуелни уметници од Европа.