Во Ликовниот салон во Македонската академија на науките и уметностите денеска ќе биде отворена изложбата „Копнеж по светлина“. Автор на фотографиите е Боро Рудиќ.
Покрај изложбата на фотографии, ќе се одржи промоција на фотомонографија и на аудиовизуелен запис.
Проф. д-р Ферид Мухиќ е автор на текстот, а изложбата ќе ја отвори проф. д-р Ана Димишковска.
„Копнежот по светлината“ претставува мултимедиски проект инспириран од универзалниот стремеж на човекот да излезе од темнината за да стаса до светлината, темнината на осаменоста да ја замени со светлината на пријателството, од мрачниот глиб на омразата да се вивне до светлите полиња на љубовта, црнилата на чемреење и безнадежноста да ги остави зад себе, воден од сонот за светлината на радоста и слободата. Оти токму како што, според библискиот мотив, мрачните бездни на примордијалната Празнина станале Светот дури откако биднала Светлината: “Биди! И бидна светлината!“ – така и беспомошното слепо суштество станало Човекот дури откако светлината на знаењето, доблеста и вербата блеснале во неговиот дух и ја осветлила неговата душа.
Вечната одисеја поттикната од копежот по светлината, како најдлобок мотив на целата историја на човештвото и животот на секој човек, авторите Боро Рудиќ – мајстор на уметничка фотографија и академикот Ферид Мухиќ, со артистички виртуoзитет ја сублимирале во оригинално уметничко дело, реализирано во симултана синергија на визуелни, поетски и музички медиуми, во текстуалниот дел презентирано билингвално, на македонски и босански јазик.