Краткиот филм „ПС Бусан“ (PC Busan) во режија на Саша Станишиќ ќе има македонска премиера денеска во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур”. Проекцијата е во рамки на четвртото издание на Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ кој се одржува од 1 до 10 октомври.

Филмот е во јужнокорејска продукција кој Станишиќ го направил за време на неговиот тринеделен резиденцијален престој во Бусан во 2019 година. Сниман е на корејски јазик со целосно корејска екипа.

Главен лик во приказната е Гу, 40-годишен самец кој работи 60 часа неделно. Еднаш во неколку месеци тој има слободен ден, во кој конечно може да биде она што сака да биде. Во филмот Станишиќ одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што коегзистираат новата технологија и старата традиција. Во филмот режисерот покажува и уште еден вирутелен Бусан каде неговите жители може да побегнат од реалниот живот и да бидат тоа што сакаат.

Светската премиера на филмот беше на третиот Интерсити фестивалот во Бусан. Главните улоги ги толкуваат Ким Мин Ву, Парк Хо Чен, Џеонг Џи Јанг. Директор на фотографија е Чои Вонук, монтажер Ли Дон Мин, музиката е на Васана. В

Влезот за проекцијата е слободен по претходна резервација во „Кафе и филм Котур”. По прикажувањето на филмот ќе следува разговор со режисерот Станишиќ.

Од 15 ноември „ПС Бусан“ ќе се прикажува и како дел од ноемвриската програма на Кинотеката.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 09:13