„Наградата за литература на Европската Унија: Националниот наспроти меѓународниот книжевен контекст“ беше темата на првата панел дискусија, во рамки на фестивалот на европската литература „BookStar“, со авторите добитници на Наградата за литература на Европската Унија: Даина Ополскаите од Литванија и Петар Андоновски и Владимир Јанковски, чии модератори беа Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски.

Како што сите се согласија, наградата за литература на ЕУ е одлична можност особено за тие автори што доаѓаат од помали земји да излезат од границите. Наградата се доделува на талентирани автори од 41 земја од Европа а целта е да се даде акцент на диверзитетот на литератури на европското тло преку преводите што следуваат по нејзиното добивање.

Според Владимир Јанковски, кој отсекогаш се интересирал за локалното наспроти интернационалното, без оглед колку некоја приказна е географски локализирана ако ја има магијата ќе допре до поширок круг на читатели.

– Се сеќавам кога првпат го читав Маркес, кога читав за неговиот Макондо во мојата соба во скопска Железара, ми се чинеше како сето тоа да се случува пред мене, а не во една толку оддалечена и непозната земја. Не ја чувствува таа дистанца. Можно е да се пишува за некој микрокосмос но ако се прави тоа со страст и посветеност ќе ги одушеви читателите од секоја точка на глобусот. Литературата ја има таа убавина да го направи малото – големо и големото – мало – рече Јанковски.

Даина Ополскаите рече дека нема формула за пишување на своите дела, пишува затоа што го сака тоа, не следејќи никакви правила и рецепти за тоа како да се биде поуспешен и попреведуван.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 10:37