Македонската економија може да влезе во „економска бура“ односно стагфлација, низок економски раст и висок раст на инфлација, предупредува Светска Банка во есенскиот извештај.

Банката предупредува на можноста Македонија да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст, проследен со високи стапки на инфлација.

За годинава, Светска Банка очекува инфлацијата во земјава да биде 12,1 отсто, наредната година 6,1 отсто, а во 2024 година да се спушти на три отсто.

Во извештајот пишува дека додека војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните.

Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите.

Македонија има ограничен простор за натамошни задолжувања, а последните шокови дополнително ја влошија фискалната одржливост, стои во извештајот во кој е наведено дека јавниот долг годинава ќе биде 59.4 отсто од БДП, а во следните две ќе продолжи да расте и ќе достигне 59.9 односно 61.4 процент.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 03:29