Ново истражување покажа дека луѓето кои не консумираат месо имаат двојно поголема веројатност да доживуваат епизоди на депресија, во однос на оние кои јадат месо.

Вегетаријанството е дефинирано на различни начини, при што некои луѓе внесуваат млечни производи и јајца, а други не. Веганите, на пр., воопшто не јадат животински производи, па дури ни мед. Заедничката нишка за овие две групи е избегнувањето месо. Статија објавена во „Хелтлајн“ (Healthline), ја испитува поврзаноста меѓу вегетаријанството и депресијата кај возрасните, а истражувањето опфатило 14.216 луѓе во Бразил на возраст меѓу 35 и 74 години.

Наодите говорат дека исхраната без месо предизвикува овие луѓе да доживуваат депресивни епизоди во просек двапати почесто од оние што јадат месо.

Авторите на трудот сметаат дека „недостатоците на хранливи материи не се објаснение за оваа поврзаност“, но некои стручњаци не се согласуваат со тоа. Хранливите материи кои се наоѓаат во говедското месо, на пр., како железото, витамини Б, цинк и протеини – помагаат во работата на мозокот и може да бидат корисни за спречувањето депресивни епизоди…

– Секогаш кога некој поединец ќе ја исклучи цела група на храна, во овој случај изворите на протеини и масти, а не ја замени со подеднакво нутритивно-соодветни опции, тоа ќе влијае на низа системски и физиолошки функции како што е когнитивното здравје, вели Моник Ричард, претставничка на Академијата за исхрана и диететика во Чикаго, Илиноис, САД.

Ричард, која не била вклучена во овој научен труд, истакна дека ќе треба да се направат повеќе тестирања за да се утврди дали недостатокот на хранливи материи е причина за ваквите наоди.

– Други фактори коишт о би било важно да се проценат, вклучуваат и тоа – дали лицето се чувствува изолирано или исклучено од другите во однос на нивниот избор на исхрана, вели нутриционистката.

Според познавачите, без оглед дали со или без месо – важно е да се следи здрава, висококвалитетна шема на исхрана богата со овошје, зеленчук, зрнести плодови и посни протеини.

– Клучот е да се јаде разновидна храна богата со хранливи материи, како и да се ограничат додадените шеќери, масти и натриум, објаснува проф. д-р Мери-Џон Луди.

Витамините и минералите кои би можеле да недостигаат се витамините Б, цинкот, магнезиумот и селенот. Витаминот Б-12 особено го има само во производите од животинско потекло, но заедно со другите витамини од Б-комплексот, тој влијае на регулирањето на расположението и работата на мозокот.

– Витамините Б може да се најдат во збогатените житарки, а Б-12 и во рибата, јајцата, месото и млечните производи. Повеќето луѓе кои не јадат месо ќе треба да земаат додаток Б-12, вели Луди.

Цинкот може да игра улога во ендокрините патишта и хормоните во нашето тело. Иако главно се наоѓа во црвеното месо и одредени морски плодови, цинк може да се најде и во јаткастите плодови, интегралните житарки, збогатените житарки и млечните производи.

Магнезиумот е одговорен за активирање на повеќе од 300 ензимски системи што играат важна улога во функционирањето на мозокот.

– Ниското ниво магнезиум може да доведе до воспаленија, нерегулација на оксидативните патишта, па и да предизвика оксидативен стрес и да го наруши ослободувањето на серотонин, допамин, норадреналин, рече нутриционистката.

Освен тоа, недостатокот на селен може да предизвика дисфункција на тироидната жлезда, воспаление, оксидативен стрес и нерегулација околу расположението, за што се одговорни хормоните серотонин, допамин и норадреналин. Селен главно се наоѓа во морската храна, месото, јајцата и рибата, но може да се најде и во лебот и житариците.

За крај, ако се сомневате во исхраната, најважно е да се консултирате со лекар, во овој случај регистриран – диететичар нутриционист, заради подобро планирање балансирана исхрана.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 12:33