„Џифони Македонија“ е важно поглавје во културната соработка меѓу двете земји. Младите што учествуваат на фестивалот не само што гледаат филмови, туку на „Џифони“ ја градат и својата личност, а тоа е многу важно, соопшти синоќа амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри на отворањето на јубилејното 10 издание на Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Од денеска околу 500 учесници од седум држави ги почнуваат своите работилници, ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе креираат.

Директорот на „Џифони Експериенс“, Јакопо Губитози истакна дека „Џифони Македонија“ стана еден од најважните настани во земјава.

– Македонија ни е важен дел од светското семејство на „Џифони Експериенс“. Им благодариме на сите што помагаат ова да се случи, посебно на нашиот амбасадор во Скопје, Силвестри за целосната поддршка на фестивалот, истакна Губитози.

Директорот на фестивалот Дарко Башески потсети на мотото на фестивалот годинава „Невидлива моќ“ (Invisible Power). Изрази благодарност до Клаудио Губитози, кој секогаш, како што рече, ме поттикнува да правиме повеќе и повеќе, да се движиме чекор понапред.

– Благодарение на „Џифони Македонија“, многу млади во нашата земја почнаа да учат италијански јазик и да ја шират таа култура, истакна Башески.

Деа Крстевска, програмски директор на фестивалот, истакна дека „Џифони Македонија“ постои поради децата и се гордее со споделувањето и пријателствата што тие ги создаваат овде.

– Многу сме им благодарни на семејствата што ги отвораат вратите за нашите меѓународни гости од повеќе земји. Ова е многу важен дел од фестивалот, зашто така се запознаваат подобро меѓу себе, учат за своите култури и создаваат пријателства за цел живот. Некои од вас веќе ги запознаа своите гости, денешниот ден го поминавте заедно, а пред вас се шест дена исполнети со дружба, во кои ќе доживете незаборавни искуства, рече Крстевска.

Пред проекцијата на филмот „Итало“ беше прикажан 10-минутен филм за магијата и значењето на Филмскиот фестивал „Џифони“.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Град Скопје, од Младинскиот културен центар и Кинотека, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 13:02