Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена репрезентативната изложба на познатиот македонски сликар Коле Манев насловена „Спокој неспокој“, на која се претставени 40 -тина слики од над 20 години богат опус на авторот.

Една од промоторите на изложбата, Елица Николова, истричар на уметноста и в.д директор на Народниот музеј кој е организатор на изложбата, за време на отворањето на изложбата појасни дека Коле Манев е еминентен македонски сликар, кој останува доследен во одбирот на темите во кои основен мотив и негова трајна преокупација во творештвото е човекот.

Во неговото творештво покрај портретот, Манев ја обработува и темата преку која го пресликува животот на откорнатиците, на луѓето раштркани низ светот.

-Тоа е тема на неговите слики во кои копка немирот по детството и по згаснатото огниште, која ја носи кога на само осум години, одвоен од поголемиот дел од семејството ја почуствувал осаменоста, како дете одвоено од своето семејство во виорот на Граѓанската војна во Грција, период на постојани преселби кои ќе го одбележат целиот негов живот. Оттогаш во неговата подсвест се вгнездил неспокојот и тагата, иако животот му приредува и спокојни моменти како и на секој од нас, сепак, во сликите како да преовладува тагата со една хармонична нишка која понекаде се проткајува низ сликите, појасни Николова.

Таа информира дека Манев над дваесет години со ликовен запис преку слика ја претставува осаменоста, колективна и индивидуална.

– Ликовите се претставени индивидуално или во групи, сепак секој со својата осаменост опкружени се со флуидна, мистична позадина која дава дополнителна драматичност на ликовиот израз. Со нагласената драматичност, спокој – неспокој, доминира нагласениот неспокој, грч во телото и тага во очите на неговите ликови, тажни, замислени, меланхонични, застанати наспроти неизвесната иднина, но сепак со надеж дека ги очекуваат убави случувања. Темата е секогаш актуелна и длабоко поврзана и со осаменоста, која е особено актуелна во денешно време, со случувањата во последниве две-три години, наспроти бројните средства за комуникација и информации, потенцира Николова.

Писателот, вториот промотор Василис Папас, од Воден, личен пријател на авторот, зборуваше за нивното долгогодишно пријателство со посебен осврт на богатото творештво на авторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 11:49