Пред љубителите на ликовната уметност во Дебар се претстави познатиот ликовен уметник Валмир Азири, актуелен државен секретар во Министерството за култура.

На изложбата во Националната установа Центар за култура, која побуди посебен интерес кај посетителите, поставени се 35 дела работени главно во акварел техника.

Азири истакна дека со изложбата АД Астра“ (кон ѕвездите) претходно се претставил во Чаир и во Тетово.

– Беше посебно задоволство да се претстават пред дебарската ликовната јавност, која се карактеризира секогаш со високо уметничко ниво. Изложбата е во рамки на соработката со локалната самоуправа во Дебар и Центарот за култура, нагласи Азири.

Присутните ги поздрави Едона Алили вршител на должноста директор на центарот а ја отвори дебарскиот градоначалник Хекуран Дука, кој истакна дека е задоволство да се отвори изложба на познат уметник, како Валмир Азири.

-Отворањето на изложбата покажува дека таа има висок квалитет, бидејќи е големо и присуството на љубителите на ликовната уметност. Голема благодарност до познатиот уметник што со оваа богата изложба внесе културна свежина во нашиот град, рече меѓу другото Дука.

Азири му подари слика на Дука и најави дека по Дебар изложбата ќе биде отворена во Струга, Битола и други градови во државава.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2022 13:06