Институтот за национална историја – Скопје во рамки на своите активности за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, денеска во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје ги додели наградите и признанијата за учениците од основно образование кои учествуваа на конкурсот за ликовни и литературни творби за Гоце Делчев.
На конкурсот за литературни творби прво место освои Аница Бранкова од ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип, второ место Рехан Делихасани од ООУ „Исмаил Ќемали“ во Гостивар, додека, третото место и припадна на Никола Кузмановски од ООУ „Коле Неделковски“ од Скопје.
За ликовните творби, првонаградена беше Анастасија Ѓорѓиоска од ООУ „Св.Наум Охридски“ Пештани – Охрид, второто место го доби Јована Галева од ООУ „Кочо Рацин“ од Скопје, а третото место ѝ припадна на Анастасија Делева ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Иловица – Струмица.
Професорот на Институтот за национална историја, Митко Панов истакна дека ова е една од активностите по повод јубилејот.
– Како одбор којшто е именуван и назначен од Институтот за национална историја ја одбележуваме 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и во континуитет оваа година ги посветуваме сите настани на овој јубилеј. Меѓу другото, организиравме научен симпозиум како дел од одбележувањето, изјави Панов.
Катерина Тодоровска, претседателка на Организациониот одбор за одбележување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев истакна дека на овој начин сакаат да го одбележат 10 октомври, денот кога се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје.
– Денеска е 10 октомври, денот кога се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје и сакавме тој ден да го одбележиме, со доделување на наградите за најдобрите десет деца односно, десет наградени од литературниот и ликовниот конкурс кој што го распишавме некаде во март, бидејќи за нас ова е значаен ден, рече Тодоровска.