Во Кинотека на Македонија синоќа свечено беше отворена програмата „Посветено на Михаел Ханеке“ што фестивалот ја реализира во соработка со Амбасадата на Австрија.

Пред присутните се обрати австрискиот амбасадор Георг Вуцас, кој се осврна на творештвото и животниот пат на истакнатиот австриски режисер и сценарист.

-Почестени сме и мошне горди што МФФ Киненова ќе прикаже три филмови на Михаел Ханеке. Станува збор за филмовите „The Seventh Continent“, „Funny Games“ и „Benny`s video“. Се заблагодарувам на иницијативата на фестивалот да се реализира оваа програма во чест на Ханеке, да се понуди фокус на Австрија и да се прикажат квалитетни австриски филмови на македонските вљубеници во филмската уметност, истакна Вуцас.

Михаел Ханеке е австриски режисер и сценарист, кој со своите први филмови, психо драми, трилери и хорори ја освои помладата, а потоа и повозрасната публика, која преферира сериозен филмски израз. Филмските стории што ни ги нуди Ханеке, изобилуваат со збунувачка таинственост, со математички дигресии во очекуваното, темни агли на безумието, но и деликатна нежност, сексуална фрустрација и сето тоа „спакувано“ во изненадувачки спокоен филмски пејзаж. Тој преку филмската уметност не „слика“ сите нас, преку една соба отсликува цело општество, преку еден лик, цел еден род.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2022 11:09