Делегација од Град Скопје, предводена од заменик градоначалникот Александар Трајановски и секретарот Зоран Глигоров, во чест на одбележувањето на државниот празник Денот на народното востание – 11-ти Октомври, денеска положија цвеќе пред споменикот Ослободители на Скопје, на платото пред Владата.

– 11 Октомври, Денот на народното востание, ден кој е симбол на големата победа базирана на вредностите на слободата и човечкото достоинство. Сенародна борба против фашистичкиот окупатор е пример за пркос и желбата да се опстои на вредностите во кои искрено се верува. На овој ден, како и многупати претходно, ја потврдивме и означивме својата повеќевековна борба за самобитноста и самостојноста на Македонија. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со чест и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слободна и самостојна Македонија, и продолжуваме со нашите заложби и труд за продолжување на мисијата која значи постојано создавање на нови дела и вредности, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Со оваа борба, се додава, нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава.

-Прославувајќи го 11 Октомври, оддаваме почит кон славното дело на нашата историја, но во исто време се инспирираме за успех, истрајност и лична жртва за напредокот и развојот на современа држава. Нека ни е честит и вековит општонародниот празник 11 Октомври! Нека ни е успешна и вечна татковината, наведуваат од одделението за односи со јавност на Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2022 14:58