„Земјата во нашите џебови“ е насловот на самостојната изложба на уметницата Невена Алексовски која од утре ќе биде отворена во просториите на „PrivatePrint“ во Скопје. Истовремено, ќе биде промовирана и нејзината нова книга „Меланхолија на напуштените краишта“.

Изложбата е во склоп на јубилејното издание на фестивалот за феминистичка култура Прво па женско организиран од Тиииит! Инк, а книгата ја уреди и издаде „PrivatePrint“.

Невена Алексовски е словенечка уметница со македонско потекло која е активна на словенечката независна уметничка сцена со бројни самостојни и групни изложби. Со изложбата „Земјата во нашите џебови“ ги истражува нејзините семејни корени, потеклото и припадноста и на односот кон земјата. Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социо-политички пластови. Заедно со изложбата ќе ја промовира и својата книга „Меланхолија на напуштените краишта“, која дополнително ќе овозможи да ги проследиме патеките и личната динамика на нејзините претци.

-Оваа изложба всушност е проучување на односот со почвата, територијата, просторот, како и со ограничувањето, присвојувањето и исклучувањето. Преку уметнички приказ на личното преселничко искуство, односот со претците и со семејната историја, таа се обидува да упати на универзалноста во овие искуства. Таа внимателно поставува предмети кои носат познати приказни и кои се мост помеѓу нејзините и нашите семејни спомени. Овој проект овозможува да биде документиран единствениот пат на раскопување низ минатото кое Невена Алексовски го прави за прв пат. Преку овој процес, движејќи се низ наметнатите граници кои ги создадаваат луѓето, таа отвора простор за нови спомени, градејќи ги врз животите што нејзините претци ги живееле пред неа, соопштија организаторите.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 12 ноември, од среда до сабота, од 12:00 до 18:00 часот, а ќе е курирана од Јана Старделова.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2022 09:44