Драмски театар Скопје вечерва со монодрамата „Кармен“ ќе гостува на фестивалот „Мал театарски формат“, кој се одржува од 11 до 15 октомври во Зајечар.
Фестивалот го бележи своето петто издание, а ќе се изведат шест монодрами и дуодрами од Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, својата премиера ја имаше во мај 2021 година.
Улогата на Кармен ја толкува актерката Биљана Драгиќевиќ – Пројковска. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ – Пројковска за Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола доби награди и на годинашново издание на Македонско културно лето во Албанија и Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен.