Црвениот крст на Град Скопје почна со дистрибуција на хуманитарни пакети за ранливите групи граѓани. Пакетите се наменети за вкупно 455 семејства на територијата на главниот град, кои се ранливи на различни основи – згрижувачки и многудетни семејства, како и семејства со членови со попреченост, ограничувања и слично.

Секое од семејствата ќе добие по еден пакет со прехранбени и еден со хигиенски продукти, во количества што ги задоволуваат месечните потреби на четиричлено семејство.

Хуманитарните пакети се обезбедени со финансиска донација од општествено одговорна компанија. Како што велат од Црвениот крст на Град Скопје, поддршката од компаниите е во насока на ублажување и полесно надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, кои од различни причини не се во можност да обезбедат производи за свое редовно функционирање.

Покрај оваа финансиска донација, во рамки на соработката со Црвениот крст на Град Скопје, општествено одговорни компании организираат акција во која вработените во компанијата ќе донираат облека, обувки и други зачувани и функционални лични работи. Потоа тие ќе бидат изложени во специјализираната продавница „Копче“ на Црвениот крст или, пак, ќе им бидат директно донирани на лицата од најранливите категории граѓани.

Вкупната вредност на донацијата за набавка и за дистрибуција на хуманитарните пакети за ранливите семејства изнесува еден милион денари. Слична донација е обезбедена и во 2020 година, кога беа донирани средства за хуманитарни пакети за семејствата што беа најпогодени од пандемијата со ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2022 18:05