Кумановскиот театар освои три награди на фестивалот театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“ кој се одржа во Штип, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од театарот.

Театар Куманово настапи со претставата „Малата сирена“ и ја освоија наградата за најдобар актер, Никица Јанковски, најдобра сценографија, Крсто Богојевски и најдобри костими, Кети Пауновска Стевковска.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски смета дека ова е потврда за успешноста на преставата работена пред четири години која сè уште се игра во Куманово.

-Навистина бевме изненади вчера кога ни јавија дека сме добитници на три награди. Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе кои учествуваа во оваа театарска претстава на целата екипа, младите луѓе кои им дадовме шанса да бидат дел од оваа театарска претстава и навистина ја оправдаа довербата, рече Тодоровски.

Младиот актер Никица Јанковски кажа дека наградата му значи и дека е заслуга и на неговите колеги кои играат во неа.

-Со оваа приказна израснав, ликот на Ушко ми беше омилен, сакам да се заблагодарам на Театар Штип. Се надевам дека ќе има уште многу вакви успешни претстави и ќе ни давате поддршка како публика, потенцира Јанковски.

Костимографот Кети Пауновска Стевковска истакна дека првпат работела на костимографија, и ова е нејзина прва награда.

-Што се однесува до костимите, уште на самиот почеток самата работа за претстава за деца го подига нивото на креативност многу високо што значи дека немаше граници и нешто што не можеше да се изведе. Сите бевме креативни комунициравме совршено, им се заблагодарувам на сите и се надевам на понатамошна соработка, изјави Пауновска Стевковска

И сценографот Богојевски вели дека е интересно и забавно да се работи на детска претстава.

-Креативноста нема граници, целата имагинација детска се обидуваме да ја доловиме на сцената и успеавме со оваа претстава тоа да го изведеме. Би сакал да се заблагодарам на целиот тим, на сите што беа дел од овој проект, на сценските работници, светло мајсторот кои овозможија сето тоа да изгледа како што е на самата сцена, кажа Богојевски.

Кумановскиот театар долги години учествува на фестивалот „Малиот принц“ со детски претстави кои ја полнат салата во Куманово и во градовите од државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2022 15:57