Општина Градско поседува сè што е потребно за да стане вистински бисер на транзитниот туризам, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при посетата на овој дел од државата, во рамките на промоција на туристичка винска тура.

- Македонија, како земја која е на важен транзитен коридор, има уникатна можност да ги искористи можностите за привлекување транзитни туристи, кои патуваат преку Македонија кон други дестинации во регионот и пошироко, да останат одреден период и кај нас и да ги запознаат природните убавини на нашата земја, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети. Затоа ми претставува особено задоволство што денеска можам да ве поздравам во Градско, општина која е многу повеќе од обична географска точка во Македонија, изјави тој.

Притоа истакна дека со својата стратешка позиција на автопатот Е 75, што ги поврзува северот и југот на Балканот, оваа општина има огромен потенцијал да се развие како клучна транзитна туристичка дестинација.

Министерот истакна дека стратегијата за развој на транзитниот туризам вклучува и поттикнување услови за развој на локалните бизниси и нивно вклучување во туристичката понуда, со што ќе го збогатат искуството на посетителите.

Во тој контекст, додаде, Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот можен амбиент за развој на туризмот во овој регион.

Љутков додаде дека овој регион е познат по долгата традиција во производство на висококвалитетни вина. Тој нагласи дека винариите „Стоби“ и „Лазар“, но и семејните винарии околу Градско се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство. Министерот рече дека развојот на вински патеки и организирани посети на винариите може значително да го збогати искуството на туристите кои транзитираат низ нашата земја.

- Исто така и турата за планинско јавање коњи која е од неодамна востановена во овој регион, од страна на коњичкиот клуб „Бистра Галичник“ и Васко Величковски, ќе ве однесе по патеките што водат до врвот Клепа со неверојатен поглед кон тиквешките лозја. Манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ има голем потенцијал за развој на туризмот во Општина Градско. Како важен духовен и културен локалитет, манастирот привлекува не само верски туристи туку и љубители на историјата, уметноста и природата, рече Љутков.

Тој додаде дека на подрачјето на оваа општина се наоѓа и еден од најзначајните археолошки локалитети во нашата држава и споменик на културата од големо национално и глобално значење.

- Истражуван и заштитуван повеќе од сто години, овој локалитет годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи. Сето ова е потврда дека Општина Градско поседува сè што е потребно за да стане вистински бисер на транзитниот туризам. Со искористување на нашиот вински потенцијал, уникатните рекреативни можности и културното богатство, можеме да создадеме искуство кое ќе ги задржи туристите подолго време, ќе ги инспирира да се вратат повторно и да нè препорачаат, со што значително ќе се придонесе за зголемување на импактот во локалниот економски развој, истакна министерот.

Тој рече дека со вистинска стратегија и посветеност, верува дека Општина Градско е на добар пат да се претвори во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварување на оваа цел.

- Затоа во периодот што следува заеднички ќе се посветиме за развој на транзитниот туризам, нагласи тој.

Во рамките на посетата на општина Градско, покрај посетата на ,,Стоби", тој се сретна со градоначалникот Киро Нацков и со претставници на Швајцарска програма за зголемување на пазарна вработливост ИМЕ со кои се разговараше околу поддршката за развој на туризмот во државата и можности за соработка во иднина на нови проекти. Љутков ги посети и манастирот ,,Свети Архангел Михаил" во село Горно Чичево, ранч на коњи наменети за туристички тури низ природните убавини во земјава, во база Градско, винариите ,,Стоби" и ,,Лазар".



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 22:48