Љубителите на карикатурата, театарската комедија и афоризмите, од 17 до 21 октомври ќе можат да најдат дел од своите омилени содржини на Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, што ќе се одржи по 14. пат во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.

Фестивалската програма, в понеделник во 19:30 часот ќе ја отвори изложбата на карикатури, на која ќе бидат прогласени најдобрите дела од конкурсот на тема „Жената – глава на семејството“.

-Годинава на конкурсот за карикатура учествуваа 283 автори од 44 земји во светот. Петчлената меѓународна комисија, под претседателство на хрватскиот карикатурист Дамир Новак, разгледуваше и оценуваше 670 карикатури, од кои ги одбра најдобрите три што ќе бидат парично наградени. Веднаш по отворањето на изложбата на карикатури, Драмскиот театар од Скопје ќе ја прикаже театарската претстава „Поштарот“, авторски проект на Трајче Кацаров, со актерите Благоја Чоревски, Марија Кондовска и Игор Ѓеорѓиев, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.

Во вторник, од 20 часот е стендапот со Тино и Атанас, а в среда – претставата „Пациенти“ на Театарот „Провокација“ од Скопје. Стендап комичната вечер со актерите Јагода Јовановиќ, Хазим Мујчиновиќ, Ивана Наскова и Срѓан Слијепчевиќ е в четврток, на 20 октомври.

На затворањето на четиринаесетто фестивалско издание, в петок од 19 часот, ќе се одржи Вечерта на македонски афоризми, а во текот на денот во основните училишта во Виница ќе се реализираат едукативни часови по карикатура и афоризми.

Фестивалот „Ин Виница веритас“ се реализира со финансиски средства од Министерството за култура и со поддршка од Општина Виница.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2022 10:21