Во Културно-информативниот центар – Скопје вечер ќе биде промовиран дебитантскиот роман „Пештера“ од Максим Ристески во издание на „Или-Или“.
Книгата ќе ја промовираат Игор Анѓелков и Владимир Мартиновски.
-Во романот „Пештера” е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандардно и оригинално дело во современата македонска литература, велат од КИЦ-Скопје.
Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… „Пештера“ му е прв роман, чиј зародок долго се формирал, но кога дошло вистинското време, го напишал во еден здив.