„Градење климатски отпорна иднина: развој на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во избрани локалитети назначени од УНЕСКО на Југоисточна Европа” е тема на работилницата што од денеска до 21 овој месец ќе се одржува во Охрид во организација на Регионалното биро за наука и култура од Европа, во соработка со Националната комисија за УНЕСКО од земјава.

На работилницата учествуваат заменик министерката за животна средина, Христина Оџаклиевска, генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО Татјана Краљевска, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, како и експерти за климатски промени, заштита, промоција на Биосферни резервати и локалитети на светско наследство.

Охридскиот регион, според градоначалникот, поседува непроценливо природно и културно богатство, кое повеќе од 40 години е под закрила на УНЕСКО.

– Навистина е голема привилегијата да се поседува една ваква уникатна убавина, која е препознаена и запишана како светско наследство, па токму затоа наша должност и обврска е да ги сочуваме овие вредности и да ги оставиме како аманет за идните генерации, рече Пецаков.

Охрид, нагласи, отсекогаш бил и ќе остане космополитски центар на Балканот, изразувајќи уверување дека и сега ќе биде појдовна точка за нови видици на полето за заштита од климатските промени.

– Заклучоците, кои ќе произлезат од оваа средба и сите научни показатели, ќе овозможат спроведување на нови, рационални и прифатливи решенија. Се надевам дека и во иднина заедно ќе ги детектираме сите климатски промени и природни опасности кои влијаат или ќе можат да влијаат врз заштитените вредности. Очекувам заедно да работиме на подобрување на капацитетите за ефикасност и подготвеност за итни случаи околу управувањето со културните богатства и биосферните резервати, истакна градоначалникот.

Целта на проектот „Градење климатски отпорна иднина: развој на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во избрани локалитети назначени од УНЕСКО на Југоисточна Европа”, е да придонесе за поголема заштита на регионот на Југоисточна Европа и да овозможи поголема отпорност на климатските промени. Покрај нашата држава во имплементацијата се вклучени и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2022 15:07