Се разгледува можноста училиштата, здравствените установи и компаниите од прехранбената индустрија да се снабдуваат со електрична енергија од ЕСМ продажба. Одлуката, како што брифираат владини извори, ќе се донесе врз основа на потрошувачката и можностите на ЕСМ за зголемено производство.

Владини извори брифираат дека има две опции – ЕСМ продажба или регулиран пазар. Опцијата да се стават овие потрошувачи на регулираниот пазар е помалку прифатлива затоа што тоа би значело повисоки цени за електрична енергија за домаќинствата.

– Ако се стават овие компании на регулиран пазар, тогаш се губи смислата на регулираниот пазар и граѓаните ќе треба да ја платат цената на сите овие компании, велат владини извори.

Посочуваат дека ЕСМ во моментов ги има вклучени сите капацитети кои му се на располагање, освен Блок 3 за кој на 21 октомври треба да биде испорачан трансформаторот од Турција и да пристигне во Битола на 26 октомври.

Според надлежните, земјата има и доволно количини на јаглен, а во случај ништо да не функционира во рудниците за јаглен и да нема испорака, би имале јаглен за 20 до 30 дена.

– Дневната потрошувачка во РЕК Битола е 12-13 илјади тони јаглен, а дневната потршувачка во Осломеј е околу три илјади тони. Дневно ископот во РЕК Битола во овој период е 20 илјади тони, а дополнително околу 2.800 тони дневно има достава на јаглен од Грција и од Албанија. Доколку се случи некоја катаклизма, ништо да не функционира, тогаш може да работиме 20-30 дена без ниту еден грам јаглен, велат владини извори.

Посочуваат дека остануваат отворени и разговорите за набавка на електрична енергија за стопанството со цел да се обезбеди струја по прифатлива цена за бизнис секторот и да се одржи економијата во кондиција. Од бугарска страна има добра волја да се помогне во овој дел, но засега не може ништо да се стори затоа што бугарското законодавство ги обврзува вишоците на електрична енергија да ги продаваат по берзански цени. Отворени се и разговарите со Турција, но во овој случај прекуграничниот транспорт е прилично скап.

Од Владата остануваат на ставот дека рестрикциите не се опција.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2022 03:24