Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура, вечер во Националната галерија на Република Македонија – објект Мала станица ќе ја отвори „Годишната изложба“.

-Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставуваат голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја превзема и целата одговорност и ризик на излагањето, велат од ДЛУМ.

Оваа година на „Годишната изложба“ учествуваат 55 автори, членови на ДЛУМ кои се претставија во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.

Како и во минатото, така и годинава, Друштвото на ликовни уметници на отварањето на изложбата ќе ги додели наградите за сликарство, скулптура, графика и за нови медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2022 09:29