Слушањето звуци при спиење, на луѓето може да им помогне да заборават одредени спомени, посочува ново истражување на Универзитетот на Јорк во Велика Британија.

Научниците велат дека методот би можел да се развие во техника во борбата против трауматичните спомени. А, и претходни истражувања покажаа дека репродукцијата на звучни сигнали за време на спиењето може да се користи за зајакнување одредени спомени. Научниците, сепак, сметаат дека ова истражување е прво што обезбеди цврсти докази дека овој начин може да се користи и обратно – да ги натера луѓето да заборават несакани спомени.

– Иако сè уште е во рана експериментална фаза, резултатите од нашата студија ја зголемуваат можноста дека можеме да ја зголемиме или намалиме способноста за потсетување на конкретни спомени со свирење звучни сигнали кога поединецот спие. Луѓето кои доживеале траума може да страдаат од широк спектар вознемирувачки симптоми поради сеќавањата на тие настани. Иако сè уште е далеку, нашето откритие можеби би можело да го отвори патот за нови техники за ослабување на тие сеќавања кои би можеле да се користат заедно со постоечките терапии, појасни раководителот на истражувањето, д-р Бардур Јенсен, докторанд на Катедрата за психологија на Универзитетот.

Коавторот на научниот труд, д-р Ајдан Хорнер вели оти врската меѓу спиењето и помнењето е фасцинантна.

– Знаеме дека спиењето е клучно за обработка на податоците што се помнат, а нашите сеќавања обично се подобри по одредено време во спиење. Точните механизми „во играта“ остануваат нејасни, но за време на спиењето, се чини, важните врски се зајакнуваат, а неважните се отфрлаат… Истражувањето ја отвора можноста за манипулирање со тој процес – за да може сонот да се искористи за ослабување на болните спомени, изјави Хорнер.

Следните чекори за научниот тим се оние за утврдување – како овие аудитивни знаци предизвикуваат заборавање? Потоа, се очекуваат и одговори за „вклучување“ и „исклучување“ на тој ефект во мозокот и можно искористување во лекувањето траума во вистински случаи.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2022 13:49