Во Тирана денеска и утре се одржува 22. Форум за земјоделска политика (АПФ) насловен „Земјоделството и руралниот развој во контекст на Зелената Агенда за Западен Балкан: Надминување на влијанието на глобалните предизвици“.
Форумот за земјоделска политика (АПФ) е дводневен настан за регионалната земјоделска политика во Југоисточна Европа, кој вклучува релевантни регионални и меѓународни чинители, што резултира со препораки за регионалните политики. Форумот за земјоделска политика првпат беше организиран во 2001 година од страна на Постојаната работна група за Регионален рурален развој (СВГ) во Југоисточна Европа за да го олесни креирањето на политики во Југоисточна Европа кои се засновани на докази.
АПФ 2022 се организира во соработка со Министерството за земјоделство и рурален развој на Албанија.
– Посебен фокус ќе се стави на влијанијата на климатските промени врз земјоделството во Западен Балкан и препорачаните политики како дел од Зелената агенда за Западен Балкан, кон намалување на истите тие влијанија, вклучувајќи овозможување и стимулирање на органското земјоделско производство, како и одржливо производство на вино и изнаоѓање соодветни пазари за него, одржливо управување со шумите, развој на функционални системи за земјоделско знаење и иновации и регионално партнерство за почвата во Западен Балкан. Младите од руралните средини ќе имаат посебно место во АПФ 2022 поради нивниот потенцијал да бидат главен двигател на одржливиот рурален развој, посочуваат од СВГ.