Евротинк – Центарот за европски стратегии вчера во просториите на општина Бутел одржа конференција во рамки на проектот „Општина Бутел отворена за младите“. Говорници на настанот беа градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, претставникот на коалиција „Сега“, Томислав Гајтаноски и претставниците на Евротинк, Мариглен Демири и Димитар Николовски.
По презентацијата на идеите и целите на проектот следеше кратка дискусија во која присутните советници од општината Бутел и младите од локалните училишта дадоа свои видувања и сугестии за подобрување на локалните младински политики.
Општата цел на проектот „Општина Бутел отворена за младите“ е да придонесе кон овозможување и поттикнување на младинското учество во спроведувањето на локалните младински политики и во носењето одлуки за локални младински прашања. Во рамки на проектот ќе се работи на зајакнување на капацитетите на општинската администрација, на членовите на Советот на Општината Бутел и на идниот Локален младински совет. Дел од предвидените активности во проектот се поддршка за изработка на младинска стратегија на Општина Бутел, следење на основањето на Локалниот младински совет и истражување и анализа на состојбата на младите во општината.
Демири, кој е координатор на проектот, истакна дека овој проект е само еден чекор од напорите кои општеството треба да ги преземе за да создаде услови за здрав и квалитетен развој на младите во идни успешни граѓани и професионалци.
Градоначалникот Костовски ја истакна важноста на овој проект, особено во делот на изработката на многу потребната младинска стратегија, која ќе помогне, тргнувајќи од локално ниво, да се создаде средина која е пријателска кон младите.
Гајтаноски го потенцираше локалниот младински совет како исклучително важен механизам кој треба да претставува мост помеѓу младите во Општината Бутел и донесувачите на одлуки. Тој изјави дека проектот треба да ги зајакне капацитетите на младите да бидат сериозен фактор на промени во својат околина.
Проектот „Општина Бутел отворена за младите“ е поддржан од Европската Унија во рамки на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата″ спроведуван од страна на коалицијата на младински организации „Сега“. Проектот почна да се спроведува на 1 септември, а ќе трае до мај 2023 година.