Во штипската галерија „Безистен” денеска се изложени над 60 ументички дела на професор доктор Елизабета Митрева. Изложбата е мотивирана од изолираноста на децата во време на пандемиската криза и е од хуманитарен и донаторски карактер.
– Денеска е третата по ред моја самостојна изложба, насловена како „Бакнати деца“, но оваа изложба е посебна, бидејќи има хуманитарен и донаторски карактер. „Бакнати деца” е дел од еден поголем серијал „Бакнато време“ што јас го креирам повеќе години. Овие дела се создадени по скопското Кале и охридското поднебје посветени на децата во услови на голема изолација и светска пандемија, вели Митрева.
Сликите од денешната изложба ќе им бидат подарени на три институции – Детското одделение при Клиничката болница Штип, Средното училиште за образование и рехабилитација „Искра”-Штип и три одделенија при Центарот за социјална работа Штип. Митрева додава дека уште додека ги создавала сликите била водена од мислата дека тие треба да бидат дарувани и тоа во институции каде е најпотребно.