Изложба на скулптури со наслов „АКТ“ на ликовниот уметник Ненад Тонкин вечер од 20 часот ќе биде отворена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, најавија денеска од установата.

Кумановци ќе имаат можност да разгледаат осум скулптури од последните два циклуса на уметникот.

Ова е деветта самостојна изложба на Тонкин. Скулптурите се со мал и голем формат, изработени од рециклирани материјали, отпад и ready-made / ready-found објекти.

-Има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи каде не се истакнува анатомијата и пропорциите на човечкото тело туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз. Има и такви скулптури кои се создадени врз основа на одредени чувства на уметникот или, пак, скулптури кои се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството, но и актуелни, пишуваат за изложбата.

Ненад Тонкин е роден и живее во Скопје, ликовен уметник, воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка.

Тој работел како воспитувач и креирал неколку детски ликовни работилници, дизајнира сценографија за театар, изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети, сликал мурали, реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство. Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Автор е на музика за неколку театарски претстави, компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem, а бил член на музичката група Bei the Fish.

Излжбата во кумановскиот Центар за култура ќе биде отворена до 3 ноември.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2022 09:58