Во Ниш, Србија, денеска беше промовирана Платформата за регионално деловно поврзување на компаниите, особено на малите и средни претпријатија (МСП) од земјите на Балканот и Југоисточна Европа.
Станува збор за прв регионален развоен проект производ на бизнис секторот од земјите на иницијативата „Отворен Балкан“ и директна вклученост на Република Бугарија, како член на ЕУ.
-Дигитална платформа – пазар на капитал (берза) за мали и средни претпријатија – предности и еднакви можности за развој на пазарот” јасно укажува на услугите и активностите кои ќе бидат понудени. „Основа на работењето на Платформата е уникатната софтверска (онлајн) компаративна анализа на поединечни финансиски и други деловни показатели и RACIO индикатори на компаниите во однос на просекот од нивната претежна дејност. На овој начин на малите и средни претпријатија ќе им се овозможи процена на нивната нематеријална вредност, а со тоа и на реалната пазарна вредност (на капиталот), како и нивниот деловен рејтинг. Досега оваа можност во регионот ја имаа само големите компании и А.Д., на актуелните берзи, иако 92 отсто од стопанските субјекти се мали и средни претпријатија (МСП), рече Александар Георгиевски, основач на Платформата за регионално деловно поврзување на компаниите.
За неговиот бизнис партнер од Србија, Предраг Умичевиќ, oва е единствена платформа на Балканот, која заслужува внимание кај приватниот бизнис од три различни аспекти.
-Прво, отвора можност за интерактивни бизнис контакти, кои се многу потребни во ова тешко време за бизнис. Потоа, нуди нешто што не нуди ниту една банка – проценка на нематеријалната вредност на нашите мали и средни претпријатија во кои сакаме да инвестираме. Секој бизнис човек во бизнисот влегол со идеја и создал капитал и профит. И токму таа вредност, идејата и нематеријалната вредност на фирмата не ги валоризира ниту една банка, туку се обезбедува со меници, квадрати работен простор, честопати зголемувајќи ја заштитата два или повеќе пати. Третиот аспект секако е регионалноста која е неопходна за поврзување и наспроти политичките различности, на практичен и елементарен начин, да се реализира иницијативата OPEN BALKAN во интерес на бизнисот и работниците, истакна Умичевиќ.
За Весела Савова од Бугарија, тоа е единствена регионална платформа која дава можност за развој и раст на малите и средните претпријатија во секоја држава, но и на меѓународно ниво.
-За Бугарија ова е многу важно во иднина на нови предизвици за малите и средните бизниси, кои претставуваат огромен процент од фирмите во државата и се столб на економијата. Нашата цел е да ја донесеме експертизата и да понудиме целосно нова алатка за овие бизниси, кои ќе добијат поддршка за одржлив раст. Веруваме дека ова е само првата од многуте идни можности на платформата, рече Савова.
Блерим Рушити, застапник за Албанија и Косово, рече дека иако порано имало ваква платформа за развој на регионалниот бизнис, сепак тогаш не постоела смелост и разбирање за нејзино функционирање и развивање.
-Со задоволство се приклучив на оваа нова иницијатива и платформа бидејќи има многу што да понуди. Драго ми е што се вклучив од почеток на платформата, која уште побрзо ќе не доближи до ЕУ семејството. Многу едноставно – платформата не зближува за да и покажеме на Европа дека знаеме да создаваме и да бидеме понапред со одредени идеи. Оваа платформа нема да биде ниту локална, ниту регионална, туку ќе прерасне во глобална платформа, напомена Рушити.
Цел на регионалната развојна компанија „SEB Global Group“ е да го прошири опсегот на својата понуда за релативно краток период (од почетокот на 2023 година), со лансирањето на т.н. активен пазар и инвестициски центар, преку кои компанијата ќе ги понуди светски познатите деловни можности, различни современи методи и извори на финансирање, како што се: CROWDFUNDING, CROWDINVESTING, CROWDSOURCING, трансформација на удели во акции, создавање на IPO, како и низа светски познати алатки за успешен бизнис на малите и средните претпријатија, кои сè уште се главно непознати за земјите од Балканот и ЈИЕ.
-Токму поради ваквата непознаница, услугите на „Дигиталната Платформа за еднакви пазарни можности“ (Equity market for SME’s), ќе се понудат и во останатите земји од регионот кои веќе се предвидени во рамките на стратешкиот план на СЕБ Глобал групацијата, но и во сите оние земји кои ќе изразат желба да бидат дел од овој процес на деловна (бизнис) интеграција, рече Георгиевски во Ниш.