Рецитал во рамки на Фестивалот „Златна лира“ со дела од Бетовен, Шопен, Лист и Скрјабин вечер во Музејот на македонската борба ќе одржи младиот талентиран пијанист Арсениј Ангелески, ученик во средното музичко училиште во Битола.

Тој е добитник на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) за најдобар музичар на годинешниот натпревар „Охридски бисери“.

Арсениј Ангелески е роден во 2005 година во Прилеп каде го завршува нижото музичко образование во ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ во класата на Христина Никоска – Тасеска. Денес е ученик во трета година во Државното средно музичко училиште во Битола, во класата на проф. Татјана Божиновска.

Во својата досегашна едукација е добитник на повеќе од триесетина специјални и први награди на државни и меѓународни музички натпревари во нашата земја и во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Швајцарија и Хрватска. Во 2022 година настапи како солист со оркестарот на Државното музичко училиште во Битола, по повод 75 годишнината од формирањето на ДМУ Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2022 10:06