Во Редовниот економски извештај за Западен Балкан број 22 на Светската банка се посочува дека реалниот раст на Бруто домашниот производ во Македонија ќе изнесува 2,1 отсто, додека просечната инфлација во земјата се проценува на 12,1 отсто.
Во целост ви го пренесуваме Редовниот економски извештај за Западен Балкан број 22 за Северна Македонија:
• Војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, а инфлацијата ита кон највисоко ниво досега, несразмерно нагризувајќи го реалниот доход на сиромашните.
• Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, потребно е фискалната поддршка да биде насочена кон најранливите домаќинства и фирми. Истовремено, затегнувањето на монетарната политика треба да воспостави рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата од една страна и избегнување на забавена економска активност, од друга страна.
• Растот на економската активност се очекува да биде умерен на среден рок, а надолните ризици да останат зголемени, намалувајќи го растот и зголемувајќи ја инфлацијата во исто време. Нарушувањата поврзани со војната во Украина, затегнатите глобални синџири на снабдување, зголемените притисоци од растот на потрошувачките цени и платите, како и интензивираната криза во снабдувањето со енергија продолжуваат да влијаат на изгледите и економските перспективи на земјата.
Најнови економски случувања
Растот на економската активност од почетокот на 2022 година беше под потенцијалот, додека динамиката на закрепнување од претходната година опадна, при појава на енергетска криза. По растот на БДП од 4 проценти во 2021 година, растот на домашната економија се зголеми за 2,6 проценти во првата половина на 2022 година, поттикнат од продолженото закрепнување на инвестициите и силната потрошувачка. Истовремено, увозот се зголеми за 25 проценти, што го одведе нето извозот во негативна територија. Од страна на производството, растот на БДП во првата половина беше предводен од услугите, додека индустријата се соочуваше со проблеми (делумно поради зголемените енергетски трошоци), а градежништвото забележа дополнителен пад.
Високо-фреквентните показатели упатуваат на дополнително забавување на растот на домашната активност во текот на летото. Индустриското производство оствари мал раст од 0,2 проценти во август 2022 година, при пад на производството на енергија и благ раст на рударството и преработувачката индустрија. Истовремено, трговијата на мало се зголеми за 3,1 проценти во август 2022 година, што следува по два месеца по ред реален годишен пад, нешто што последен пат беше забележано за време на пандемијата „Ковид-19“. Туризмот се подобри бидејќи побарувачката за патувања се зголеми, но бројот на туристи сè уште се движи под нивото пред пандемијата.
Со растечкиот увоз кој делумно се должи на повисоките цени на енергија, трговскиот дефицит се влоши, што дополнително ја прошири надворешната нерамнотежа. Дефицитот на тековната сметка достигна ниво од 6,3 проценти од БДП (подвижен просек до јуни 2022 година), главно како резултат на влошувањето на трговскиот биланс во услови на значаен раст на увозните цени. Трговскиот дефицит се зголеми на 22,8 проценти од БДП, главно поради негативниот придонес на енергетското салдо, додека суфицитот на услугите се намали на 3,7 проценти од БДП, најмногу поради послабите патни и производствени услуги. Дознаките од странство забележаа многу благ пад, додека нето СДИ беа силни со 3,4 проценти од БДП. На крајот на К-2 2022 година, бруто надворешниот долг изнесуваше 77,4 проценти од БДП, што е пониско во споредба со 81,6 проценти на крајот на 2021 година, при што падот доаѓа од повисок номинален БДП во деноминаторот, помал долг на јавниот сектор, а во услови на раст на меѓукомпанискиот долг.
Закрепнувањето на пазарот на труд е бавно и кревко и покрај владината поддршка. По објавувањето на податоците од пописот во 2021 година, кои открија пад на населението за приближно 9 проценти и помала работна сила, стапката на активност се намали на 55,3 проценти во К-2 од 2022 година, притисната од ниската стапка на активност на жените од 44,5 проценти. Во исто време, стапката на вработеност остана под предпандемскиот врв со 47,3 проценти. Стапката на невработеност се намали на 14,5 проценти, но стапката на невработеност кај младите остана висока на 30,9 проценти и покрај активните политики на пазарот на трудот кои се насочени кон вработување на млад кадар. Растечката економска несигурност го намали уделот на договорите на определено време на 60 проценти од сите нови договори за вработување.
Растот на номиналната нето-плата во просек изнесуваше 9 проценти до јуни 2022 година, но домашната инфлација го надмина растот на платите, така што реалната нето-плата стана негативна. Номиналниот раст на платите се прошири низ сите економски сектори. Растот на платите во трговијата на мало, сместувањето и рекреацијата беше поттикнат и од зголемувањето на минималната плата од 18,5 проценти, што беше договорено во февруари 2022 година. Дополнително, засилените притисоци од синдикатите ја поттикнаа владата да се договори за зголемување на платите во јавниот сектор (за да се усогласи со зголемувањето на минималната плата) во текот на есента 2022 година. Исто така, земјата се согласи да го отвори својот пазар на труд за земјите од Иницијативата за Отворен Балкан, што може да доведе до натамошни притисоци за зголемување на платите бидејќи работниците ќе почнат да ги искористуваат можностите за работа надвор од домашните граници.
Вкупната инфлација го надмина повеќедеценискиот врв, при што сите компоненти (храната, енергијата и базичната инфлација) придонесоа за растот. Домашните потрошувачки цени достигнаа 25-годишен максимум со годишен раст од 16,8 проценти во август 2022 година, како резултат на скокот на цените на храната и енергијата кои забележаа повеќе од 20 проценти годишен раст, иако промената на месечно ниво беше забавена. Кумулативната инфлација до август изнесуваше 11,6 проценти. Со тоа се разви криза на трошоците за живот, несразмерно нагризувајќи го реалниот доход на сиромашните. Се зголемија регулираните цени на греење и струја, но, сепак останаа на ниво под пазарните цени. Како одговор на растот на потрошувачката и на растечките загуби на компаниите во елетро-енергетскиот сектор, од јули, владата воведе блок тарифен систем со прогресивно зголемување на трошоците за потрошувачка на електрична енергија во четири блокови за домаќинствата и ги зголеми тарифите за малите потрошувачи кои се снабдуваат од универзалниот снабдувач на електрична енергија.
За да ги скроти растечките инфлациски очекувања, Народната банка дополнително ја заостри монетарната политика. Основната каматна стапка се зголеми за 1,75 процентни поени на 3 проценти во пет циклуси до почетокот на септември. Стабилноста на девизниот курс се оддржа со редовни девизни интервенции, што доведе до повеќе од 20 проценти загуба на девизните резерви од средината на 2021 година, меѓутоа до крајот на летото знаци на стабилизација беа веќе видливи. Банкарскиот сектор остана стабилен и покрај падот на стапката на ликвидност на 20,5 проценти. Стапката на адекватност на капиталот се зголеми на 17,3 проценти во К-2 од 2022 година. Кредитниот раст продолжи со 9,7 проценти во јули 2022 година, предводен од забрзаното корпоративно и хипотекарно кредитирање. За да се зајакне отпорноста на банкарскиот систем, Народната банка објави контрациклична стапка на капитален бафер од 0,5 проценти што ќе се применува од август 2023 година. Во септември 2022 година, Народната банка ги зголеми 7-дневните и прекуноќните стапки на депозити за да го стимулира штедењето во домашна валута, и ја намали основата за задолжителна резерва за нови заеми кои обезбедуваат финансирање за домашно производство на енергија од обновливи извори.
Ревидираниот буџет за 2022 година го остави фискалниот ефицит во голема мера непроменет во споредба со 2021 година, така што намалувањето на дефицитот сега е одложено за 2023 година. До јуни 2022 година, буџетскиот дефицит на општа влада изнесуваше 1,2 проценти од БДП бидејќи приходите се зголемија за 13,6 проценти, растот на тековните расходи забави на 8 проценти, а капиталните расходи се зголемија за 16 проценти на годишна основа. Сепак, стапката на реализација на капиталните расходи е на една третина од ревидираниот годишен план и најверојатно ќе остане ниска бидејќи на владата и се потребни ресурси за понатамошна поддршка на енергетскиот сектор. Постојаните барања за фискална поддршка од страна на домаќинствата и фирмите ја притиснаа владата да одвои дополнителни 76 милиони евра (0,6 проценти од БДП) за антикризни мерки во рамките на ребалансот на буџетот за 2022 година во мај. Планот да се затвори финансискиот јаз на буџетот во 2022 година е со краткорочно надворешно задолжување, линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и домашно финансирање. Издавањето на нова еврообврзница е одложено поради високата каматна стапка.
Јавниот и јавно гарантираниот и негарантираниот долг се намали на 55,4 проценти од БДП кон крајот на првата половина на 2022 година. Номиналниот јавен долг остана висок во однос на периодот пред кризата, но се стабилизира блиску до нивото од крајот на 2021 година. Заостанатите обврски за плаќање беа високи и изнесуваа 3 проценти од БДП поради задоцнетите плаќања на здравствениот сектор, државните претпријатија и локалните власти, ограничувајќи го фискалниот простор за одговор на кризи во иднина.
Изгледи и ризици
Растот на домашната активност на среден рок се очекува да биде умерен, а надолните ризици остануваат зголемени. Проектираниот раст на БДП за 2022 година е намален на 2,1 проценти бидејќи енергетската и украинската криза продолжуваат негативно да влијаат врз домашната економија. Нарушувањата поврзани со војната во Украина, затегнатите глобални синџири на снабдување, зголемените инфлациски притисоци и интензивираната криза во снабдувањето со енергија продолжуваат негативно да влијаат врз изгледите за домашната економија. Бидејќи компаниите, вклучително и компанијата за производство на електрична енергија, создаваат залихи за да спречат прекини во производството, се предвидува дека увозот значително ќе се зголеми, што дополнително ќе го влоши салдото на тековната сметка. Основното сценарио е изградено врз основа на претпоставката дека ефектот од енергетската криза и војната во Украина врз домашната економија постепено ќе стивне, додека интензитот на инфлациските притисоци ќе се намали на среден рок. Сепак, основните претпоставки на проекцијата се значително наклонети надолу, забавувајќи го растот и зголемувајќи ја инфлацијата во исто време.
Во услови на зголемен ризик од стагфлација, земјата треба да започне со реализација на реформи кои можат да го поттикнат потенцијалниот раст на среден рок. Политичките напори треба да бидат насочени кон враќање на фискалната одржливост, истовремено градејќи социјална и климатска отпорност што ќе ја намали ранливоста на земјата на шокови и ќе ги подобри долгорочните изгледи за раст на земјата. Поточно, фокусот на реформите во земјата треба да биде насочен кон создавање фискален простор за намалување на долгот (преку поттикнување на даночна усогласеност, реструктуирање и реприоритизирање на расходите), обезбедување отпорност на финансискиот сектор, отпочнување на зелената транзиција и подобрување на ефикасноста на управувањето со јавните инвестиции.
Со оглед на ограничените фискални ресурси кои и се на располагање на земјата, широко распространетата државна помош во форма на директни буџетски трансфери, привремени субвенции и широки даночни ослободувања треба да се ревидира и да се пренасочи кон расходи кои долгорочно ќе го поддржуваат растот. Ефикасната социјална заштита ќе биде од клучно значење во оваа транзиција. Нацрт-Стратегијата за даночни реформи се движи во правилна насока во однос на зачувување на привлечноста на даночниот систем, а во исто време отстранување на бројни даночни ослободувања со цел да се зголеми прогресивноста. И додека мерките за поддршка на кризата полека се исцрпуваат, започнувањето на изградбата на новиот автопат од 2023 година може да претставува дополнителен притисок за јавните финансии на среден рок и да го зголеми јавниот долг.
Во тековниот контекст, зголемениот политички јаз дополнително ја отежнува координацијата и спроведувањето на политиките, вклучувајќи ги политиките за енергетска, климатска и фискална одржливост кои се клучни за економскиот раст. Зголемената политичка несигурност и парламентарната блокада по резултатите од локалните избори и отстранувањето на пречките за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ, може да доведат до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на потенцијалниот раст и консолидирање на јавните финансии. Дополнително, помалата домашна и надворешна побарувачка, високите влезни трошоци и недостигот на ликвидност би можеле да доведат до отпуштања и да ја зголемат сиромаштијата, создавајќи притисок на и онака ограничените јавни финансии. Конечно, затегнувањето на финансиските услови може да влијае на можностите за финансирање и трошоците за финансирање во иднина.