Во Скопје денеска ќе се одржи промоција на резултатите од истражувањето на клучните стратегии и наративи на македонските антиродови движења насловено „Кој се плаши од родот?“, во авторство на Ирена Цветковиќ и Мања Величковска.
Истражувањето е продуцирано во рамки на проектот „Strategies, Discourses and Images of Gender and Sexual (In)Equality in North Macedonia“, реализиран од страна на Коалиција МАРГИНИ Скопје, а финансиски поддржан од Heinrich Böll Foundation (BiH).
Како што е најавено, по промоцијата ќе следува панел-дискусија, каде авторките заедно со пратеничката Санела Шкриељ, Андријана Папиќ Манчевска, претставничка од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Сара Миленковска, претставничка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ќе дискутираат за ефектите врз демократијата, човековите права и родовата еднаквост предизвикани од антиродовите мобилизации во нашето општество.
–Целта на оваа публикација е да им помогне на бранител(к)ите на човекови права подобро да ги разберат антиродовите кампањи, да ги поддржи во идентификувањето на начини за спротивставување на нив и да придонесе во унапредувањето на човековите права за сите, соопштија од коалиција Маргини.
Оттаму посочуваат дека истражувањето цели кон обезбедување на релевантни податоци, анализи и знаења за хегемониските стратегии на врамување, репрезентација и дискурзивна конструкција на жените и сексуалните и родови малцинства во јавните дискурси од страна на антиродовите актери, како и да понуди трансформации и да ја зајакне мобилизацијата помеѓу прогресивните сили во општеството.