Промоција на книгата „Детството е повеќе од амаркорд“ – роман за созревањето во време на раниот социјализам – од универзитетскиот професор, општественик и дипломат, Владимир Петковски ќе се одржи денеска напладне во салонот на Матица Ексклузив во Скопје
За делото ќе зборуваат проф. Гордана Силјановска и проф. Кристина Николовска.
„Детството е повеќе од амаркорд“, како што наведува издавачот, е книга за опседнатоста со детството, но е и повеќе од сеќавање со љубов („амаркорд“) бидејќи феноменот на растењето и созревањето во светот на возрасните како длабоко личен, емотивен процес, се прикажани во специфично време на бурни историски настани и општествени преобразби по ослободувањето на земјата.
Сликите и сеќавањата од детството се сместени во периодот од 1952 година, кога семејството се преселува во Скопје и авторот станува прваче, како припадник на првата генерација првооделенци родени во слободна Македонија во 1945 година, па се до 1963 година кога Скопје е погодено од катастрофален земјотрес.
Во „Детството е повеќе од амаркорд“ е исцртана една интимна топографија, карта на градот во која Петковски го впишува сопственото детство, растењето и личните доживувања, семејството, пријателите и игрите, будењето на еросот и вљубувањата. Тоа е истовремено и роман за магијата на детството на авторот која е силно поврзана со маалото Млин Балкан, во центарот на Скопје, на просторот меѓу Клубот на пратеници, печатницата на весникот Нова Македонија, Мала станица и плоштад Слобода, во кое авторот израснал. Тука се и доживувањата од неговото основно училиште Гоце Делчев, Музичкото училиште, скопските кина Култура, Балкан, Напредок, Вардар, Младина и Карпош, Народниот театар, Градскиот парк, Градската плажа на Вардар, Главната железничка станица и гимназијата Јосип Броз.
Во првите два дела овој роман се отвора и кон други места од Македонија и тогашна Југославија, а во третиот и кон трите континенти (Северна Америка, Африка, Азија), каде авторот ја градел својата дипломатска и меѓународна професорска кариера. Децении подоцна, некои слики и доживувања, па дури и мириси од детството, неочекувано избиваат од скриените предели на сеќавањето и одѕвонуваат во новите околности и средини за време на диломатскиот ангажман на авторот во Вашингтон, Картум и Пекинг, се посочува за романот.