Извештајот на Светска банка (СБ) нотира дека нашата држава има најробусна поддршка во однос на справувањето со кризата во регионот, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Нагласи дека Владата од почетокот на годината направи два пакета на мерки од кои првиот беше во износ од 400 милиони евра, а вториот од 360 милиони евра треба сега да се спроведе.

-Со оглед на намалените стапки на раст и зголемената инфлација насекаде препораката на Светска банка, но и на другите финансиски институции е антикризните мрки да бидат таргетирани што кога ќе се видат нашите мерки што ги донесовме во текот на изминатиот период ќе се заклучи дека се апсолутно таргетирани во однос на најранливите категории на граѓани, рече Ковачевски.

Прецизира дека со нив се опфатени 41 илјада најранливи граѓани, 135 илјади пензионери со ниски пензии. Подвлече дека е субвенционирана електричната енергија за сите граѓани и за малите потрошувачи.

-За таргетирањето во однос на индустријата веќе се прават пресметките во Министерството за економија, а министерот за економија имаше состанок со сите производители на основни прехранбени производи. Целта е да направиме мерка за субвенционирање на електричната енергија која истовремено ќе предизвика стопирање на растот на цените на основните прехранбени производи и, доколку е тоа можно, и нивно намалување во продажните мрежи во државата, рече Ковачевски.

На овој пакет, како што кажа, се работело и вчера до доцна во ноќта и штом ќе биде готов ќе биде презентиран во јавноста. Пакетот ќе биде направен и согласно мерките кои ги презема ЕУ. Утре, како што кажа, во земјава ќе биде присутна претседателката на ЕК Урсула фондер Лајен по што ќе бидат на располагање сите информации и ќе можат да се финализираат мерките заедно со стопанските комори и со секторските групи во коморите.

-Добро е што цената на електричната енергија на светските берзи во овој момент бележи пад што е резултат на заедничките напори на ЕУ и на сите европски земји и на усогласената надворешна политика. Затоа повторно се отвораат и дел од големите капацитети кои се директно поврзани на високонапонската мрежа зашто цената на електричната енергија е на ниво кое за нив е издржливо, констатира Ковачевски и додаде дека со работа почнуваат рудниците Бучим и Боров дол.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2022 14:53