Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ интензивно се подготвува претставата „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо во режија на Андреј Цветановски. Режисерот Цветановски првпат соработува со ансамблот на Театарот, а ова е трета и последна премиера од годинашнава програма на Театарот.
Според режисерот Цветановски, претствата ќе биде модерна комедија со апсурдни призвуци, комедија со горчлив вкус.
-Текстот на Дарио Фое е пишуван како дел од референци на средовековен театар, кој е заборавен во историјата на театарот, а сепак носел некои интересни форми, а тоa се мистериите, кои средновековните актери ги играле на плоштадите за да ги величаат чудата. Низ таа една призма ќе се обидеме да раскажеме приказна за теaтарот, каков бил тогаш и колку тој театар денес носи исти работи. Се обидуваме да создадеме структура, преку која низ сцените ќе раскажеме приказна што ќе биде интересна. Претставата ќе има асоцијации, и мислам ќе биде модерна комедија со апсурдни призвуци, комедија со горлив вкус. Ќе создадеме радост на играта, што публиката се надевам ќе ја почувствува, вели режисерот Цветановски.
Во претставата ќе играат: Марија С. Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески, Наташа Ачански и Ангела Наумоска.
Сергеј Светозарев е автор на сценографијата, Марта Дојчиновска на костимите, драматургијата и преводот се на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а музиката на Томе Темелкоски и на екипата.
Премиерата на последната претстава од програмата за оваа година се планира наскоро.